Новинарките Убавка Јаневска и Весна Коловска се добитнички на наградата „Илија Жупаноски“
Објавено: 11 декември, 2025, во 10:37 часот
Новинарките Убавка Јаневска на Дума.мк и Весна Коловска на Радио Канал 77 добитнички се на наградата „Илија Жупаноски“ за Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци, што Фондацијата Метаморфозис по втор пат ја додели на конференцијата е-Општество.мк. Тие се добитнички на наградата како тим на авторки на истражувачката приказна „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани“.
Весна Коловска која е новинарка од Штип и Убавка Јаневска, која инаку доаѓа од Велес, им се заблагодарија на членовите на Комисијата и на фондациајта Метаморфозис за која рекоа дека е една од ретките организации која ја препознава работата на новинарите од внатрешноста на државата.
„Темата на наградената истражувачка сторија е всушност приказна градена токму на разобличување на дезинформации поврзани со пирамидата Конти и влегувањето на илјадници граѓани не само од Велес, туку и од Неготино, Штип, Радовиш и Скопје кои што ги откривме во повеќе Телеграм групи, од кои една само имаше повеќе од 14.200 членови“, рече Јаневска.
Наградената истражувачка приказна всушност говори за пирамидалната игра во која поголем дел од граѓаните со влогови од 50 до 3.000 евра беа убедени дека учествуваат во билдање на рејтинг на холивудската филмска продукција преку учество со купување на пакетите со филмови на кои што кликаа но, ги оставаа своите лични податоци а пирамидата овозможуваше само првите да бидат добитници додека сите останати да ги загубат вложените пари.
„Истражувањето не однесе преку Словенија во Велика Британија каде Конти имаше објавено дека е нивното седиште, па и до луѓето во Кина, Обединетите Арапски Емирати и Камбоџа кои стоеа зад компанијата“, додаде Јаневска.
За Илија Жупаноски, Јаневска, рече дека го запознала како успешен активист на Младинскиот образовен форум (МОФ) кој беспрекорно добро ја извршуваше функцијата директор на МОФ.
„Сакам да кажам дека ми претставува особена чест што сум една од добитниците на оваа награда и посакувам таа да продолжи да се доделува со што името на Илија Жупаноски ќе влезе во многу домови на новинари во нашата држава“, рече Јаневска.

Наградата за едукативна мултимедијална содржина подготвена за млади од 18 до 28 години, им беше доделена на Игор Стојанов и Тони Михаилов новинари на Гоце.мк за проектот „Украден идентитет: Како со вештачка интелигенција се злупотреби името на доктор Никола Пановски?“.
Игор Стојанов од Гоце.мк исто така изрази благодарност до Метаморфозис, додавајќи оти му е чест што ја добива оваа награда.
„Со оглед на тоа дека Гоце.мк е портал за млади, ова е една сторија од која произлегоа 25 продукти, кратки видеа, карусели, инфографици, па и водич за безбедноста на интернет. Јас и Тони сами не можеме толку да направиме, тоа е дело на целиот тим на Гоце.мк, благодарност до сите“, рече Стојанов. Тој додаде дека сторијата за Д-р. Пановски е исклучително значајна затоа што станува збор за човековото здравје и ваквите манипулации можат драстично да влијаат на животот на граѓаните.

Наградата „Илија Жупаноски“ е посветена на активист од граѓанскиот сектор кој значаен дел од својот живот го посвети на борбата против дезинформациите и хибридните закани врз демократијата.
Жупаноски посвети значаен дел од својот живот во согледување на ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија. Тој беше општествен активист за демократија и владин советник за дигитални комуникации како и борец против хибридните и сајбер напади врз демократиите на национално и на меѓународно ниво.
„Иако, за жал, нè напушти прерано, неговата неуморна работа остави неизбришлив белег во општеството, a неговите заложби ќе живеат преку сите нас, кои продолжуваме да се бориме против дезинформациите во одбрана на вистината, односно да градиме општество во кое слободата на говорот е неприкосновена,“ додадоа од Метаморфозис.
Стефани Манева

