Ново асфалтиран пат до село Чашка – најавени нови проекти за подобра инфраструктура во општината

Објавено на 7 јули, 2025 во 12:50

Жителите на село Чашка добија нова патна врска до селото, откако во должина од 1,3 километри беше асфалтиран локалниот пат со средства во износ од 7 милиони и 950 илјади денари, обезбедени од Министерството за транспорт и врски.

Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, посочи дека завршувањето на овој проект било топло поздравено од локалното население, што му дава дополнителна мотивација за понатамошна работа.

Наскоро ќе започне асфалтирање на земјениот пат во должина од 2,3 километри до село Раковец, во рамки на проектот „Македонија без кал“ финансиран од Светската банка. Покрај тоа, ставена во функција е и новата бушотина со здрава вода, која ќе го подобри водоснабдувањето во селото Извор.

Општината, како што посочи градоначалникот, очекува финансирање и преку унгарски кредит, со кој ќе се реализираат неколку значајни проекти, поточно асфалтирање на патот кон село Ораов Дол, реконструкција на делница од 2 до 3,5 километри на патот кон Папрадиште, изградба на детска градинка во село Мелница и нов Дом на култура во населбата Чашка, до карабина фаза.

Во план е и обнова на спортските терени во селото Извор, како и реконструкција на водоводите и уличната мрежа во повеќе населени места. Меѓу најавените зафати е и санација на дел од улицата „8 Септември“ во самата населба Чашка.

Градоначалникот информира и дека е завршена изградбата на спортската сала при основното училиште „Лирија“ во Горно Јаболчиште, проект реализиран со поддршка од Владата, кој ќе биде свечено отворен на стартот од новата учебна година во септември.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.