Од утре изменет сообраќаен режим во Велес поради „Питијада 2025“

Објавено на 8 октомври, 2025 во 10:19

Поради организирање и одржување на Фестивалот на велешка пита и вино „Питијада 2025“, се замолуваат граѓаните да не ги паркираат своите возила на улицата „Благој Ѓорев“, и тоа на потегот од кружен тек Авона па сé до зградата на театар „Ј.Х.К.Џинот“ во период од утре, 9 октомври, среда, се до 12 октомври, недела.

Локалната самоуправа исто така ги известува велешани дека за време на питијадата ќе има и времена измена на сообраќајниот режим, поточно на улицата „Благој Ѓорев“ од утре, од 10:00 часот, се до недела, до 12:30 часот.

На делот од улица „Благој Ѓорев“ на потег од крстосницата со улицата „Борис Трајковски“ ќе биде забранет сообраќајот за возила со поголем габарит и автобуси кои што ќе се пренасочат по улицата „Борис Трајковски“. Потоа, возилата кои доаѓаат од улицата „Благој Ѓорев“ и „Тодор Јанев“, на кружниот тек, ќе бидат пренасочени да се движат десно по улицата „8 Велешка Бригада“ како и лево кон улицата „Лазо Осмаков“, на која за време на одржување на манифестацијата насоката на движење ќе биде променета, односно сообраќајот ќе се движи во насока од улица „8-ма Велешка Бригада“ кон „Љубљанска“ или на кружниот тек лево кон улицата „Т. Христов„, потоа по улицата „Ѓорги Војтек“ лево кон улица „Кумановска“ и кон улица „Борис Трајковски“.

Возилата кои доаѓаат од улица „Кумановска“ ќе бидат забранети за движење по улица „Наум Наумовски Борче“ и ќе бидат пренасочени да се движат по улица „Ѓорги Војтек“ и „Т. Христов“, па по улица „8-ма Велешка Бригада“.

Исто така , улицата „Благој Ѓорев“ од кружниот тек Авона сé до улица „Љубљанска“ ќе биде забранета за сообраќај во двете насоки. Од крстосницата со улица „Љубљанска“ па сé до улица „Орце Мартинов“ ќе се одвива еднонасочен сообраќај. Од крстосницата со улица „Орце Мартинов“ сé до крстосницата со улица „Алексо Демниевски Бауман“, сообраќајот ќе се промени од еднонасочен во двонасочен. Оваа времена измена е преземена поради близината на пристапот до Болницата и сé со цел полесен пристап до неа, како и поголема пристапност до домовите на жителите кои живеат на тој потег од улиците.

На делот од улицата „Алексо Демниевски-Бауман“, на потегот од крстосницата кај Пошта сé до семафорите, исто така режимот ќе се промени од еднонасочен во двонасочен.

Времениот режим на сообраќај ќе се одвива според поставената времена сигнализација, како и знаците кои ги даваат униформираните полициски службеници. Поради тоа се молат сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и прописите заради нормално и безбедно одвивање на сообраќајот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.