Од утре, недела 2 март, Башиноселски мостот се отвора за времен режим на сообраќај, најави ЈПДП

Објавено на 1 март, 2025 во 08:01

Фото: Архива на Дума.мк

Оваа информација, за отворањето на мост на река Вардар, кај Башино Село, за времен режим на сообраќај, преку соопштение за јавност вчера ја соопшти Јавното претпријатие за државни патишта. Тоа вчера, доцна попладне, ја обезбедило дозволата од Министерство за внатрешни работи.

„Врз основа на Одобрение за времена измена на режимот на сообраќај за време на санацијата на мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312 делница: Башино село – Велес, ќе го стави во времен режим на сообраќај.  Времениот режим на сообраќај ќе се одвива согласно со изготвениот Сообраќаен проект за времено одвивање на сообраќајот и со поставување на соодветна сообраќајна сигнализација и опрема на патот, а движењето на сообраќајот ќе биде регулирано со светлосна сигнализација по една сообраќајна лента по средината на мостот“ напиша во соопштението за јавност Јавното претпријатие за државни патишта.

Фото: Архива на Дума.мк

Од ЈПДП додаваат дека времениот режим ќе стапи на сила 24 часа по објавувањето на ова известување во електронските и пишаните медиуми.

Претходно, значи денеска, 1 март, од двете страни на патот, поточно пред самиот мост ќе треба да се отстрани насипаната количина на песок што во изминатите два месеци претставуваше предупредување за возачите за забрана за сообраќање по мостот. Исто така ќе треба да се постави и семафор којшто ќе го регулира сообраќајот само на средината на мостот.

Воведувањето на времениот режим на сообраќај ќе трае додека не започнат работите со којшто ќе се зајакнува конструкцијата на коловозот на мостот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.