Опремата за „Безбеден град“ се поставува во Велес, што се ќе регистрираат камерите?

Објавено: 26 март, 2026, во 08:53 часот

Се поставува опремата за реализација на „Безбеден град“ на територијата на општина Велес. Деновиве видливо е дека Министерството за внатрешни работи ги покрива со камери главните улици на градот. Веќе со првите објавени фотографии на социјалните мрежи од монтажата на каблите, металните сандачиња, столбовите и камерите велешани споделија коментари со различни ставови поточно од задоволство до несогласување.

Дел од граѓаните се со мислење дека „Безбеден град“ ќе овозможи ред на градскиот асфалт со брзината на возење, незастанување на автомобилите на пешачките премини и недавање на предност на пешаците, но дел коментираа дека камерите уште повеќе ќе ја успорат фрекфенцијата на сообраќајот низ централното градско подрачје која не го овозможува нормалниот проток на возила, особено не во утринските часови кога се создаваат колони од возила додека граѓаните возат кон работните места и во попладневните часови кога се враќаат од работа во домовите. Еден од напишаните статуси на социјалната мрежа Фејсбук гласеше „Уште повеќе ќе лазиме“.

За дел пак од велешани значајно беше што се ќе регистрира „Безбеден град“? Дали освен брзината ќе ги регистрира на пример ликовите на граѓаните, врзаните сигурносни појаси во возилата, носењето на кациги од страна на возачите кои управуваат моторцикли и мотори, пропуштањето на пешаците на пешачките премини и преминувањето на граѓаните од една на друга страна на улиците на места на коловозот каде што не се одбележани премини, ќе ги „лови“ ли несовесните кои на пример ги уништуваат поставените корпи за отпад на дрворедите или столбовите на тротоарите и имаат ли камерите домет да ја заштитат урбаната опрема во непосредна близина на камерите  како и други законски прекршоци.

Дума.мк испрати новинарски прашања до Сектор за внатрешни работи Велес и праша „ што се инсталира, каде, на кои локации и каков вид на опрема која што ќе служи за каков вид на потреби на Министерството за внатрешни работи преку системот „Безбеден град“ во градот? Оттаму одговорија:

„Приоритетот за поставување на камерите се одредува според прецизни критериуми за безбедност, додека фокусот ќе биде ставен на главните сообраќајни артерии каде што е регистрирана поголема фреквенција на возила и пешаци, клучните крстосници каде што често се случуваат сообраќајни прекршоци, со цел зголемување на општата безбедност.

Бројот на локации ќе биде соодветен на потребите, со цел да се покријат т.н. „црни точки“ каде што статистички се случуваат најмногу сообраќајни незгоди. Точниот број и специфичните локации ќе бидат дефинирани по завршување на техничкото планирање, но целта е целосна и ефикасна покриеност на критичните зони.“

Според првичните информации кои ги сподели полициски службеник на Сектор за внатрешни работи Велес, на седница на Совет на општина Велес, стартот на „Безбеден град“ на територијата на општината треба да се очекува на крајот од месец јули, годинава.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.