Општина Лозово доделува ваучери за сите првачиња во висина од 4000 денари
Објавено: 18 август, 2025, во 13:27 часот
Општина Лозово и оваа година ќе обезбеди ваучери од 4000 денари за сите ученици кои оваа есен ќе започнат во прво одделение. Средствата се наменети за набавка на училишен прибор и облека, како поддршка за родителите во подготовките за новата учебна година.
Одлуката е донесена едногласно од Советот на Општина Лозово.
Градоначалникот Бошко Цветковски истакна дека оваа мерка е дел од заложбата за помош на семејствата и вложување во иднината на децата.
-Модерно и квалитетно образование со задоволни ученици, родители и наставници е нашиот врвен приоритет, продолжуваме да ги слушаме потребите од образовната заедница и да креираме квалитетни мерки, кои ќе донесат добри резултати, изјави Цветковски.
Мерката, како што посочуваат од општината, има за цел да овозможи полесен и достоинствен почеток на образовниот пат на секое дете во Лозово.
Стефани Манева


