Општина Лозово, во новата учебна година, со повеќе финансиски помошти за деца, за ученици и за студенти
Општина Лозово одлучи со почетокот на учебната 2024/25 година да додели вредносни ваучери, да финансира бесплатен оброк и да стипендира ученици и студенти. Финансиската поддршка за секое прваче, годинава, ќе изнесува 4000 денари. Освен првачињата, со бесплатен оброк ќе се помагаат и семејствата на ученици од прво до петто одделение во ООУ„Методи Митевски Брицо“ и во подрачните училишта.
Според одлуки на Совет на општината, исто така, ќе се стипендираат двајца средношколци со месечна стипендија од 2000 денари и двајца студенти со месечен износ од 3000 денари. Во критериумите за добивање на стипендијата општината пропишала тие да се од категоријата на социјално ранливи семејства.
Вредносен ваучер од 3000 денари на крајот на учебната година ќе добие и секој матурант со место на живеење во Општина Лозово.
-Како општина одлучивме годинава бесплатен да биде и престојот на децата кои посетуваат градинка. Тоа значи дека за сите деца согласно капацитетот на градинката наместо родителите престојот ќе го плаќа Општина Лозово, рече градоначалникот Бошко Цветковски.
Убавка Јаневска