Општина Неготино доби комбе за превоз на лица со попреченост, донација од Европската Унија

Општина Неготино доби ново комбе наменето за превоз на лица со попреченост, како дел од донација од Европската Унија. Возилото е дел од активностите во рамките на проектот „Локалните власти на патот кон одржлива урбана мобилност во Јадранско – Јонскиот регион“ (акроним ЛАМО), кој се реализира преку програмата „Интерег ИПА Адрион“, кофинансирана од ЕУ.
Градоначалникот Горан Стојанов информира дека Неготино, заедно со уште пет општини од Јадранско-Јонската област, добила грант во рамките на овој заеднички проект. Вкупната вредност на проектот изнесува 1.192.251 евра, од кои 168.170 евра се наменети за активностите во Неготино. Проектот ќе се спроведува во период од 36 месеци.
Покрај комбето, проектот предвидува и набавка на урбана опрема, сообраќајни знаци и канти за отпад за велосипедски парк, пет електрични трицикли за лица со попреченост, десет електрични велосипеди и пет полначи за нив. Ќе се изработи и техничко-архитектонско истражување за изградба на велосипедска патека во општината, како и стратегија за урбана мобилност.
Стојанов изрази благодарност до Европската Унија за поддршката и нагласи дека оваа донација ќе придонесе за поголема инклузија и одржлива урбана мобилност во општината.
Дума.мк
