Општина Велес субвенционира набавка на сончеви колектори, велосипеди и инвертер клими

Објавено на 8 јули, 2022 во 11:15

Дел од трошоците за набавка на велосипеди, сончеви колектори и инвертер клими ќе бидат субвенционирани од страна на Општина Велес. Субвенциите што општината ќе ги додели изнесуваат по 50% од вредноста на сончевите колектори и велосипеди и 30 % од цената за инвертер климите. Односно, не повеќе од 3.000 денари за велосипед по лице и 20.000 денари за колектор по лице и не повеќе од 15.000 денари по лице за инвертер клима.

Право на учество имаат сите физички лица коишто до 5 август, 2022 година ќе купат сончев колектор, велосипед или инвертер клима и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците. Барањата се подигаат од архивата на Општина Велес или можат да се симнат од интернет страницата на општината : www.veles.gov.mk.

Документите што треба да се поднесат со барањето се фотокопија на важечка лична карта на барателот, со којашто се докажува дека е жител на Општина Велес, фотокопија од трансакциска сметка, доказ дека е извершено купување на велосипед, инвертер клима или сончев колектор и тоа фискална сметка или фактура со датум од денот на објавувањето на повикот за субвенционирање до завршувањето како и изјава дека барателот нема искористено право на поврат на средства за набавка на било кои од трите производи од било кој извор во Република Северна Македонија.

Едно физичко лице може да поднесе само едно барање, во затворен плик,  за добивање на субвенција. Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Велес, на улица Панко Брашнар бр.1, секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот. На пликот треба да биде напишано „Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на физички лица за купување на велосипед, инвертер клима или сончев колектор“.

Јавниот повик го распишува Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на физички лица за купен сончев термален колектор, формирана од Советот на Општина Велес. По завршување на јавниот повик се разгледуваат барањата, сите некомплетни барања нема да бидат предмет на понатамошна постапка.

Петнаесет дена по завршување на рокот за достава на барања, комисијата, ќе ја спроведе постапката за избор на барања „со извлекување по случаен избор – транспарентно“.  Финансиските средства ќе се сметаат за исцрпени односно доделени кога на предлог на Комисијата, Градоначалникот на Општина Велес ќе донесе решение за исплата на средствата. Персоналниот данок ќе го плати Општина Велес.

За поконкретни информации прочитајте на https://veles.gov.mk/.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.