Општината ја огради и изолира „дупката“ на асвалтот на спој на улиците „Партение Зографски“ со „Благој Ѓорев“, во новиот дел на Велес (фото)
Тоа го стори ресорната служба на Општина Велес. Од локалната власт одговорија на прашањето на Дума.мк дали денеска ќе реагираат на барањето на граѓаните од Нова населба, кои живеат на улица „Партение Зографски“ за обезбедување на местото поради несакани последици како по животот на граѓаните така и по безбедноста на сообраќајот.
„За дупката на асфалтот на локација спој со улица Партение Зографски со Благој Ѓорев, Општина Велес е запозната уште од синоќа. Веднаш се поставени две барикади со споменска трака. Со состојбата на улицата се запознати и во ЈКП Дервен. Утрово, службите на Општина Велес излегоа на терен за да се утврдат причините за појавата на дупката , по што во најкраток рок, од утре сабајле ќе се превземат мерки за санирање на состојбата. Потребно е да се обезбедат материјали за решавање на состојбата,“ пишува во одговорот на Општина Велес.
Дума.мк, вчера доцна попладне, за проблемот ја информираа одговорни сограѓани кои испратија порака со содржина за навидум мала но длабока дупка која што се отворила во коловозот на спојот на улица „Партение Зографски“ со „Благој Ѓорев“ и според нив може да биде кобна и за пешаци и за автомобили. Бидејќи граѓаните во текот на вчерашниот ден не успеале да исконтактираат со општината и да ја информираат за сериозниот проблем побараа помош од новинарите со цел да информираат нивните соседи, како и сите останати, кои пешки или со автомобили се движат во овој дел на Велес да бидат особено внимателни.
Граѓаните сега го чекаат отпочнувањето на санацијата на дупката за која дел од нив ни тврдеа дека била длабока 2 метри и се сомневаа за порозност на нејзината околина која сметаа дека е причина за испуканиот асфалтен слој.
Убавка Јаневска