Основен суд Велес годинава, денот на правосудството, го одбележува преку соработки и едукација на младите велешани

Потпишани меморандуми за соработка освен со СОУ „Јовче Тесличков“ и со СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ и ССОУ „Коле Неделковски“ откако претходно на трибина учениците од ова училиште со судијката Габриела Гајдова, разговараа на тема „Детско престапништво – малолетничка деликвенција“, се годинешните активности со кои судот во Велес го одбележува денот на правосудството.

Основната цел на овие меморандумите е овозможување на учениците од средните училишта во општината, во рамки на образовниот процес преку практична настава да се запознаат со работата на судот и стекнат потребни знаења и вештини што ќе им помогнат во нивната идна професионална определба насочена кон унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности од областа на судството.

Од друга страна, вклучувањето на учениците од ССОУ „Коле Неделковски“ ќе овозможи зголемен интерес за нивно вклучување во започнатиот процес на дигитализација на правосудството.

„На овој начин се очекува да се реализираат заложбите за отворено судство и граѓанско учество со зголемен пристап на младите сограѓани во однос на работата на Основниот суд Велес, чија главна цел е зајакнување на довербата на граѓаните во остварување на заштита на нивните права“, пишува во соопштението на Основен суд Велес.
Меморандумите за соработка се потпишани вчера, во пресрет на одбележувањето на денот на правосудството.
Стефани Манева
