„Отчет – Велес дом за сите“ на Градоначалник на Општина Велес, Марко Колев (видео и фото)
Објавено: 3 септември, 2025, во 10:35 часот
Од паркот, пред зградата на Општина Велес, од каде што пред четири години јавно ги соопшти изборните проекти и ја понуди изборната Програма за седмите локални избори со коишто ја бараше довербата на Велешани, исто така, вчеравечер, Градоначалникот на Велес, Марко Колев, го презентираше Отчетот за сработеното. Колев се заблагодари за тогаш добиената доверба на сограѓаните и истакна дека во реализацијата на сите проекти, поделени во 15 области на Отчетот, значајна била соработката со општинската администрација и вработените во јавните локални институции. Додека Градоначалникот зборуваше за реализираните проекти на видео бим, низ фотографии, се прикажуваа најзначајните според него во сите делови на Велес како и во населените места на територијата на општината.

Колев рече дека со 100 реализирани проекти била подобрена патната инфраструктура во општината, редовно се одржувала сообраќајната безбедност на граѓаните која била обезбедена преку реконструирани тротоари, одржувани вертикалната и хоризонталната сигнализација, реконструирани пет железнички премини и изградени потпорни ѕидови. Градоначалникот ги истакна и редовното одржување на постоечките како и изградените нови паркинг простори, одржуваната подземната инфраструктура и изградените нови 50 водоводни и 12 канализациони мрежи со вкупна должина од 12 илјади и 500 метри. Колев ги потенцира и зголемените плати на пожарникарите и зајакнатите капацитети на Територијалната против пожарна единица, подобрените и зајакнати капацитети на ЈКП Дервен преку обезбедената механизација и инвестициите во обезбедувањето на чисти улици, новоизградените хортикултурни катчиња со поставените украсни цветни аражмани. Градоначалникот ги издвои и реконструираниот Амфитеатар во Младински парк, плато пред Спомен костурницата, поставената нова урбана опрема, реконструираните училишта, поставените фото волтаици на зградите на сите јавни институции, 11 изградени Детски катчиња со поставена опрема за забава, изградените и реконструирани пет спортско рекреативни комплекси и шест спортски терени, реконструкциите во три училишни спортски сали, организираните спортски манифестации, поддржаните спортски клубови како и бројните културни манифестации со кој Велес прераснал во град на култура.
Од капиталните проекти, Колев, го посочи доизградениот Градски пазар, доизградбата на Кеј на река Вардар, уредувањето на централното градско подрачје и изградбата на Подземна катна гаража, поставените 4695 нови улични светилки и набавените нови 500 потоа реконструираниот Башиноселски мост и ја најави изградба, напролет, на новиот мост во негова непосредна близина.
Претходно и претседателот на Советот на Општина Велес, Даниел Јаневски, ја истакна работата и соработката на Советот со Градоначалникот како и со централната власт притоа потенцирајќи го придонесот на актуелниот Министер за култура, Зоран Љутков како и соработката со граѓаните во општината коишто ги давале предлозите и иницијативите за големиот дел на сега веќе реализираните проекти со коишто се обезбедил поквалитетен живот на територијата на општината.
На настанот „Отчет – Велес дом за сите“, исто така, зборуваа и актуелниот пратеник и претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Игор Здравковски како и актуелниот Министер за култура и туризам Зоран Љутков којшто во изминатите три години ја извршуваше функцијата на Претседател на Совет на Општина Велес.


На дадениот Отчет од страна на Градоначалникот Марко Колев присуствуваа актуелниот Министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, заменик Министер за здравство Јовица Андовски, поранешните градоначалници на Велес, Горан Петров и Славчо Чадиев, поранешните пратеници Лазов и Коџобашиев, членови на Совет на Општина Велес, директорите на локалните институции, носителите на функции, органи и тела на ОК на ВМРО ДПМНЕ Велес, на Месни Комитети како и граѓани на Велес.
Убавка Јаневска


