Отсуство на систем за обострано информирање – проблем во релацијата новинари и локални институции
Објавено: 11 септември, 2025, во 13:11 часот
SLAPP тужби против новинари во Прилеп засега нема но се практикува самоцензура како одбрамбен механизам на заштита од евентуалното завршување на обвинителна клупа. Заканите се дел од секојдневната работа на професионалните новинари и во овој македонски град, кој работат на теми од јавен интерес, најчесто напишани од ботови под споделените текстови на социјалните мрежи. Во виртуелниот простор има случаи кога прилепски новинарки за професионално подготвен текст, со цитирани најмалку два извори, се соочуваат со форми на јавен линч од незадоволни страни со тенденција на притисок како и на загрозување на личната или безбедноста на семејствата. Незадоволство од новинарска работа соопштуваат и локалните институции од кои новинарите тешко добиваат став или одговори на новинарски прашања поради нивната затвореност. Проблеми со снимање на инсерти за видео приказните, на званични настани, во фирми, имаат снимателите поради ограничување на просторот коишто е дозволен за вклучување на камера. Нелојалната конкуренција во медиумскиот простор во Прилеп е сериозен проблем и директно влијае врз одржливоста на професионалните медиуми. Ова се само дел од соопштените информации на обуката на тема „Едукација на новинари и медиумски работници за права при пријави на притисоци и закани“ во Прилеп.

Обучувачот Перо Момировски, новинар и истражувач, на колегите говореше за состојбите во македонските медиуми, сподели информации за општиот пад на бројот на медиуми и медиумски работници најдиректно предизвикани од намалените плати и го потенцираше падот на ранг листата според „Репортери без граници“ коишто говори за нарушување на слободата на медиумите. Момировски соопшти бројки на најчесто практикуван закани, пријавени напади, но и поднесени SLAPP тужби во Македонија во 2025 година.

-Бројките се во пораст иако вкупниот број е помал во споредба со земјите во регионот, констатираше Момировски.
Најголем дел од едукацијата беше посветена на моделот на заштита на новинарите и медиумските работници што ги овозможува законската регулатива во Македонија, за можностите што се отворени со измените на Кривичниот закон со кои новинарите се третираат како службени лица како и за улогата на именуваните јавни обвинители како контакт точки во градовите меѓу кои е и Прилеп.

-Еснафските организации, ЗНМ и ССНМ, се чадорот за заштита на новинарите и медиумските работници од застрашувањето и замолчувањето, порача Момировски.

Во вториот дел од едукацијата поточно во дискусијата се вклучија претседателката на Основен суд Прилеп, судијка Јасмина Шишковска Стојановиќ, судијата Јане Јакововски, јавниот обвинител Кирил Јовчевски, претставниците на Одделението за внатрешни работи како и претседателот на Регионална стопанска комора во Прилеп, Никола Мариновски и секретарот, Горан Попоски. Тие разменија мислење и одговорија на повеќе новинари прашања како што се добивање на навремена информација за потребите на дневните информации, соопштување на став за истражувачките приказни или анализи како начин на спречување на дезинформациите, обезбедување на заштита на новинарите како службени лица од закани, клевети и напади како и практикување на медијација пред започнување на евентуалните судски постапки против медиумските работници.

Во дискусијата особено внимание беше посветено на прашањата на преставниците на бизнис заедницата, Регионалната стопанска комора, на кои им беше укажано дека во ситуации на засегната страна во објавена медиумска информација пред поднесување на тужби прво да го користат правото на пријави во Судот на честа на Здружението на новинари на Македонија и во Советот за етика во Медиумите.

Новинарите, преставниците на локалните институции и на бизнис заедницата ја истакнаа и потребата од почести меѓусебни едукации.
Убавка Јаневска
Обуката и дискусија се активности од проектот „Гласно и јасно!“ како дел од Програмата за поддршка на граѓански и медиумски организации во рамките на проектот финансиран од Европската унија: „SafeJournalists Network”, спроведуван од Регионалниот веб портал Дума.мк.


