Коалицијата за промени и правда: Минималната плата ќе изнесува 18 илјади денари
Регионалниот изборен караван на Коалицијата за промени и правда денеска во Велес оствари средба со граѓаните и ја презентираа програмата. Носителот на листата во изборната единица три Весна Стоименовска рече дека Коалицијата предлага формирање на фонд за поддршка и вработување на млади и креативни кадри и тоа во износ од два проценти од буџетот на Република Македонија. На тој начин вели Стоименовска, ќе се реши горливиот проблем во државата особено во источниот дел каде фрапантна е бројката на иселени млади луѓе.
– Коалицијата за промени и правда во својата програма се фокусира на отворање на јакнење на домашната економија и производтсво и отворање на мали и средни претпријатија. Нашите проекции се дека за пет години можат,со добра економска стратегија, да се отворат над 30 илјади мали и средни претпријатија со три до пет вработени. Во поглед на сиромаштијата и нискиот животен стандард Коалицијата предлага а тоа и ќе се случи, минималната плата да изнесува 300 евра односно 18 илјади денари, за тоа имаме изготвено и проект. За зголемување на минималната плата предлагаме поддршка од буџетот, средства кои што ќе се обезбедат преку силни антикорупциски мерки, кратења на непродуктивните трошоци и укинување на репрезентацијата за функционерите, рече Стоименовска.
Стоименовска посочи дел од проектите што се однесуваат на земјоделството и рече дека субвенциите ќе продолжат да се исплаќаат но не како досега на концесионери криминалци или партиски војници, туку на вистинските земјоделци. Според неа не смее повеќе да се дозволи увозот на земјоделски производи да зголемува, бидејќи Македонија е земјоделска држава и не само што може да ги покрие потребите за храна на населението туку може и да извезува готови земјоделски производи.
– Се погласни се барањата на големите коалиции за 63 пратеници и стабилна влада. Сакам да им укажам на граѓаните дека ние 25 години во Р.Македонија имаме стабилни влади составени од една партија и видовме што се случи, поединци се збогатија а народот е се посиромашен. Стабилна влада е само онаа која што ќе работи одговорно и чесно и затоа ја бараме поддршката од велешани посебно од неопределените, разочараните и оние кои никогаш не излегле на гласање да не дозволуваат друг да одлучува за нивната иднина,рече Стоименовска.
Стоименовска ги повика велешани да ја поддржат Коалицијата за промени и правда бидејќи таа ќе била гарант за системски промени, правна и економски развиена држава, украдените пари ќе ги конфискувала и ќе ги вратела на граѓаните.
На листата за пратеници на Коалицијата за промени и правда е велешанецот Жан Мешков./Д.С