Пастрмалии подготвија заедно учениците гости од Власотинце и домаќини од Велес во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“

Објавено на 10 октомври, 2025 во 12:34

Под менторство на директорот Горан Богоевски, долгогодишен професор по предмети од угостителската насока, во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ се одвиваше претпладнево подготовката на 30 пити пастрмалии во училишниот кабинет. Богоевски на учениците и професорите на Техничка школа од Власотинце како и на учениците домаќини прво им го презентираше начинот на подготовка на традиционалниот велешки рецепт особено обрнувајќи внимание на делот кој го издвојува овој гастрономскиот специјалитет од останатите во Македонија и заслужено го прави бренд. По  демонстрирањето од страна на Богоевски во подготовката на пастрмалиите се вклучија сите 14 ученици. Директорот ги надгледуваше додека младите мајстори се трудеа практично да  применат се што претходно слушнаа и практично видоа.

Фотографиите, иако снимени пред пастрмалиите да влезат во печките на Кабинетот по угостителство, покажуваат дека учениците и менторот треба да бидат задоволни.

-Ми причинуваше задоволство што имав можност пред нашите гости, колеги и ученици од Техничка школа од Власотинце, да презентирам традиционален начин на подготовка на велешка пита пастрмалиа. Задоволен сум од посветеноста на сите ученици. Се надевам дека и тие ќе бидат задоволни од вкусот и квалитетот штом го пробаат. И особено задоволство ќе ми биде доколку гостите одлучат да го пренесат рецептот и да го направат во своето родно Власотинце, рече Богоевски.

Ова се првите пити пастрмалии кои денеска се подготвија во Велес пред официјалното започнување на годинешната гастрономската манифестација „Питијада – Фестивал на велешка пита и вино“.

Денешната работилница во кабинетот по угостителство е последна во рамките на петдневната посета на седумте ученици и двајцата професори од Техничка школа Власотинце, Србија на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес. Таа е дел од воспоставена меѓународна соработка помеѓу две средни училишта што се реализира веќе петта година и се состои од наставничка размена на стручни искуства во образовниот процес во Македонија и во Србија како и од ученичка, во делот на примена на стекнати знаења во пракса.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.