Под клуч во четврток приватните амбуланти, лекарите на протест пред Министерството за здравство

Објавено на 5 април, 2022 во 14:51

Матичните лекари в четвроток повторно ќе ги затворат амбулантите и со здравствениот персонал, ќе одржат мирен протест пред Министерство за здравство. Вака одлучија да го одбележат годинава денот на здравството. Неисполнетите барања на матичните лекари за зголемување на капитациониот бод е повод за овој протест. Д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружение на матични лекари на Македонија, рече дека иако се смениле повеќе министри, досега никој не превзел ништо за опстанок на примарното здравство, за покачување на буџети на специјалистите како и на приватните лаборатории.

-Поради целокупната ситуација во државата, брзото поскапување, зголемувањето на просечната плата, индустриската струја којашто се поскапи енормно, капитациониот бод мора да се зголеми. Пациентите на ПЗУ се од стратешко значење. Со цел народот да има каде да се лекува, нашите пациенти да имаат достапни здравствени услуги, младите лекари да не ги минат истите голготи коишто ние ги миневме. Во поголем број на региони повеќе нема лекари, мора да се реагира, бидејќи ние повеќе и немаме време за чекање. Исто и за казнената политика со фондот, ништо не е променето, работните групи не започнаа со работа, лекарите и понатаму се жалат, во Охрид повторно пристигнале казни. Со цел да ги задржиме младите лекари, да има простор да одиме напред, овие коишто се останати да можат достоинствено да дочекаат пензија, ќе организираме мирен протест, додаде Чолакова Дервишова.

Според, претседателката на здружението, голем број на млади лекари чекаат за вработување, додека огромен број на возрасни лекари ќе ги затворат амбулантите. Д-р Чолакова Дервишова посочи дека во здравството мора да има континуитет, бидејќи пет месеци е период на затворање и повторно отворање на една амбуланта.

-Шеесет и три денари е многу ниска цена за трудот на лекарот и сестрата, 48 за стоматолог додека цената на едно шише масло за јадење е покачена на 150 денари. Ова е една компарација, колку е вреднуван здравствениот труд. Во примарното здравство има и специјалисти, услугите во специјалистичките ординации исто така не се платени онолку колкушто се сработува, додаде Дервишова.

Пред почетокот на протестот, одредени амбуланти ќе работат, но во сите градови ќе бидат известени екипите на Итна Помош коишто ќе помагаат на пациентите за потребата од итна помош.

Потребната терапија како и потребата од здравствена помош, граѓаните да не ја планираат за во четврток, туку да ги посетат своите матични лекари во текот на утрешниот ден, среда, 6 април.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.