Поделени 1.000 хуманитарни оброци, на втор ден од Велигденските празници, во Велес

Стек или плескавица со ориз, леб и сок како хуманитарен оброк за 1.000 велешани денеска поделија Гостилница Боем заедно со здружението “Нула гладни во Велес“. Тие се главните организатори и донатори додека хуманитарната акција со свои донации исто така ја поддржуваат граѓани и фирми. Ова е шеста Велигденска хуманитарна акција којашто ја организираат гостилницата и граѓанското хуманитарно здружение. Храната за граѓаните кои живеат во ризик се дели без етничка и верска припадност.

-Нашата цел е да подариме храна и никој да не остане со празна трпеза на еден од најголемите христијански празници, на Велигден. Сакаме топол оброк да има за секој граѓанин и еве денеска, на втор ден Велигден, подготвивме и поделивме вкупно илјада ручеци. На сите што добија оброк нека им е на здравје. Секако им го честитаме празникот Велигден на сите граѓани коишто го слават, рече Трајче Мешков сопственик на гостилница „Боем“.

Хуманитарната акција логистички ја поддржува велешки Црвен крст. Нивни волонтери денеска учествуваа при делењето на храната на поставени штандови пред гостилницата во центарот на Велес. Гостилницата позната е по уште три големи хуманитарни акции, за празниците „Свети Никола“ и Божик како и за „Чист понеделник“ којшто традиционално, како верски празник, се одбележува во Велес и во Башино Село.
Убавка Јаневска
