Подобренo водоснабдувањето за жителите на село Извор
Објавено: 29 јули, 2025, во 11:07 часот
Жителите на село Извор, Општина Чашка, имаат значително подобрено водоснабдување, благодарение на пуштањето во функција на нова бушотина, со што се обезбедува поголема издашност и стабилност на водата за пиење, особено во летните месеци.
Проектот опфати изградба на нова бушотина, доизградба на крак од примарната водоводна мрежа кој води кон селскиот резервоар, поставување електрична мрежа, како и изградба на пумпна станица со вградување на потопна пумпа со јачина од 7,5 киловати. Дополнително, во системот е интегриран хлоринатор со сите неопходни електро елементи, со цел обезбедување безбедна и квалитетна вода за пиење.

Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски соопшти дека вкупната вредност на проектот изнесува околу 600.000 денари, средства што се целосно обезбедени од буџетот на општината.
Изведувач на градежните активности е Јавното претпријатие за комунални дејности „Тополка“.
Во тек се активности и подготовки за обезбедување стабилно снабдување со чиста вода за пиење и во селата Голозинци, Лисиче и Бањица.
Стефани Манева

