Погласен глас на јавноста за поздрава животна средина
Објавено: 10 јуни, 2026, во 10:33 часот
Со цел да се зајакне граѓанското учество во заштитата на животната средина и да се поттикне поголема одговорност кај институциите, во Велес, се одржа работилницата на тема „Граѓанско учество и заштита на правото на здрава животна средина“.
Учесниците имаа можност да се информираат за механизмите преку кои можат да добијат информации од институциите, да учествуваат во постапки поврзани со животната средина и да обезбедат пристап до правда во случаи на прекршување на еколошките права.

„Присутните се едуцираа како да дојдат до информации од институциите, како да се вклучат во постапки поврзани со заштитата на животната средина и што може да преземат како јавност при издавање еколошки дозволи, концесии, студии за оцена на влијанието врз животната средина и слично“, изјави за Дума.мк Светлана Црвенковска, координатор на проектот.
На работилницата учествуваа претставници на граѓански организации и заинтересирани граѓани од општините во Вардарскиот плански регион кои сакаат активно да се вклучат во процесите на донесување одлуки за прашања од областа на животната средина.

Организаторите посочуваат дека ваквите средби претставуваат основа за идна соработка меѓу граѓанските организации со цел заедничко дејствување при утврдување еколошки проблеми и прекршување на правото на здрава животна средина, како и покренување соодветни постапки пред надлежните институции.
Работилницата е дел од проектот „Зајакнато граѓанско учество во заштита на животната средина“, поддржан од Expertise France, а го спроведува Македонското здружение на млади правници во партнерство со Милеуконтакт Македонија, Центарот за правни истражувања и анализи и ФЛОРОЗОН – Центар за еколошка демократија.
Дијана Иванова


