Поради високите температури за време на викендот хоспитализирани 20 дехидрирани деца во велешка болница
Високите температури кои се искачуваат и над 45 степени се причина за зголемениот број на хоспитализирани дехидрирани деца на Одделот за педијатрија во ЈЗУ Општа болница Велес. Како што информира портпаролката на велешка болница, Марина Андова, сите 20 дечиња се ставени на инфузиона дехидратација.
-Зголемен е бројот на хоспитализирани деца на Одделот за педијатрија поради високите температури. Оние 20 деца кои се примени во велешка болница само за време на викендот, поточно од 12 до 14 јули, добиле инфузиона дехидратација и примаат терапија се до нивно потполно закрепнување, објаснува Андова.
Како и секоја година во овој период, поточно во месец јули, благо покачен е и бројот на хоспитализирани возрасни пациенти како во одделението за интерни болести така и на одделението за инфективни болести.
-На Одделението за интерни болести пред се доаѓаат пациенти кои се дехидрирани и имаат хронични болести со посебно влошување на бубрежната функција. Додека на Одделението за инфективни болести специфично е тоа што се прифаќаат пациенти дехидрирани поради дијареа и повраќање коешто исто така се должи на екстремно високите температури. Секако сите пациенти се рехабилитираат, добиваат соодветни терапии како и совети по што се пуштаат и на домашно лекување, додава Андова.
Лекарите од ЈЗУ Општа болница Велес апелираат до сите граѓани да внимаваат повеќе на личната хигиена, често да ги мијат рацете, да водат зголемена грижа околу чувањето на храна на отворено но и видот на храната којшто го конзумираат. Тие препорачуваат храната да биде свежо приготвена, овошјето и зеленчукот добро измиен и да се обрне посебно внимание на месото коешто се користи како дел од исхраната.
Истите совети се упатуваат и до родителите бидејќи високите температури се одразуваат и кај најмладата популација. Децата да примаат повеќе течности и да не бидат изнесувани дирекно на сонце.
Стефани Манева