„Порцеланови луѓе“ – сведоштво за труд и безценето богатство на Велес (видео и фото)

Објавено: 11 ноември, 2025, во 11:08 часот

Дизајнираните порцелански производи произведени во поранешната велешка фабрика „Југопорцелан“ кои сеуште Велешани ги имаат во своите домови се со безценета вредност. Иако до вчера вечер беа без авторски потпис на дизајнерите, овие производи, сведочат за посветена работа на стотици работници коишто над половина век ги произведуваа во овој индустриски гигант на територијата на поранешната држава.

Во атмосвера на воодушевување и носталгија во Ликовен салон Велес, изложени во витрини и поставени на маси, порцеланските производи повторно ја оживеаја приказната за развојот на индустрискиот дизајн и уметноста создадена во фабриката за порцелан „Борис Кидрич – Југопорцелан“. Тие сведочеа за едно минато време и генерации на Велешани кои неуморно ги создавале.

Изложбата „Порцеланови луѓе“ ја отвори Ангел Коруновски, директор на Народниот музеј Велес, велејќи дека е поставка којашто со гордост го претставува индустриското и културното наследство на Велес и претставува потсетник за велешката уметност.

Авторката Јасмина Намичева, со многу емоции, пред многубројните присутни поранешни работници на фабриката и граѓани нагласи дека изложбата претставува потсетување на половина век посветен труд, но и на болка од пропаднатата фабрика која во неизвесност остави голем број на семејства во Велес. Таа додаде дека авторскиот тим работејќи на оваа изложба не можел да се воздржи од тага и болка, кога внатре, во празните фабрички погони ги пронашол пликоата со имињата на порцелановите работници и сумите за платите кои никогаш не им беа исплатени. „Затоа изложбата, на влезот на Ликовен салон, ве пречекува како нем потсетник за она што беше црвоточината на овој град, додаде Намичева.

Промоторот на изложбата „Порцеланови луѓе“, Кирил Пенушлински, посочи дека индустрискиот дизајн на овие производи освен уметност е и документ за времето, културата и вредностите на едно општество и констатира „порцеланските од обични фабрички производи се претвараат во културни адекфатки и сведоштва за креативноста, дисциплината и убавината што излегува од трудот“.

Јасмина Дамјановска, раководителка на Одделение во Велес на Државниот архив на Македонија, како дел од авторскиот тим на изложбата, потсети дека приказната за велешката фабрика за порцелан е дел од колективната меморија на градот и дека токму документите и сеќавањата на граѓаните помогнале оваа историја повторно да оживее.

-Овие две години, за нас, беа многу тешки за таа историја и меморија да ја обновиме меѓу граѓаните. Наидовме на многу затворени врати и велешани кои не сакаа ниту да ја разбудат потиснатата меморија, но и на многу велешани кои ги отворија своите души споделувајќи ја и тагата и среќата заедно со нас. Луѓето кои што паметат нас ни овозможија да ја реализираме целта, додаде Дајмановска.

Професорот Филип Фидановски, во име на тимот што ја подготви изложбата, се заблагодари на сите кои придонеле за развојот на индустрискиот дизајн и керамиката во Македонија, истакнувајќи ја важноста од зачувување на велешкото порцеланово наследство.

Изложбата „Порцеланови луѓе“ потсетува дека креативноста и трудот на велешаните продолжуваат да живеат преку делата создадени со љубов и посветеност. Неа можат да ја разгледаат заинтересираните граѓани, секој работен ден од 9:00 до 13:00 часот, во Ликовен салон Велес.

Стефани Манева

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.