„Последица од управување технички неисправно возило“ – превентивна акција на СВР Велес

Објавено: 19 ноември, 2025, во 11:45 часот

Полициските службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при Сектор за внатрешни работи Велес спроведоа превентивна активност на повеќе локации во градот, посветена на темата „Последица од управување технички неисправно возило“.

-Целта на активноста е подигнување на јавната свест за значењето на управување со технички исправно возило, како и важноста од редовни проверки и соодветно одржување. Според анализите, техничката исправност на возилата претставува еден од клучните фактори што влијаат врз безбедносната состојба на патиштата. Со навремено сервисирање и редовна контрола, се намалува ризикот од сообраќајни незгоди и се поттикнува повисоко ниво на сообраќајна култура кај возачите, објаснуваат од Министерство за внатрешни работи.

Превентивната акција се реализира во рамки на одбележувањето на 16 ноември – Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, како и во рамки на кампањата „Заедно со одговорно однесување во сообраќајот да придонесеме за патишта без жртви“.

-На граѓаните им беше дистрибуиран печатен едукативен материјал, подготвен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност во Скопје, додаваат од МВР.

Од МВР апелираат дека одговорното учество во сообраќајот започнува со исправно и безбедно возило. Ваквите активности продолжуваат со цел намалување на бројот на сообраќајни незгоди и зачувување на човечките животи.

Акцијата е дел од континуираните напори на Министерството за внатрешни работи за унапредување на безбедноста во сообраќајот.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.