Повеќе од 1900 танчари и 3000 посетители пристигнуваат во Велес, викендов започнува шестото издание на Christmas Dance Competition
Објавено: 12 декември, 2025, во 12:25 часот
Велес викендов ќе биде вистински центар на танцот. На сцената на театарот „Ј.Х.К. Џинот“ ќе се одржи шестото издание на меѓународниот натпревар Christmas Dance Competition. Оваа година, Велес ќе биде домаќин на рекордни 1917 танчари, кои ќе настапат со 2352 кореографии, претставувајќи 36 танцови клубови од Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Косово.
Организаторите очекуваат повеќе од 3000 посетители, што уште еднаш го потврдува значењето на натпреварот како едно од најголемите танцови случувања во регионот. Настанот не само што ја збогатува локалната културна сцена, туку има и силно економско влијание, големиот број гости ќе придонесе за зголемен промет во угостителството и трговијата, како и за дополнителна промоција на Велес како град кој успешно организира манифестации со европски стандарди.
-Би сакале да ја информираме јавноста во Велес дека овој викенд очекуваме значително зголемување на бројот на гости во нашиот град. Во таа насока, упатуваме апел до сите велашни за поголемо трпение и разбирање за потребите на гостите од неколку апсекти. Најпрво, со оглед на локацијата, не е исклучена можноста за зголемена фреквенција во сообраќајот, а угостителските објекти се надеваме дека ќе успеат да излезат во пресрет на сите гости и да ги задоволат нивните вкусови со највкусната велешка храна, објаснуваат организаторите.
Со исполнета сала, живописна енергија и гости од целиот регион, викендов ќе ја прославиме убавината на танцот и младите таленти. Нека овој настан биде уште една потврда дека Велес заслужено го носи епитетот културно срце на Македонија.
Стефани Манева


