Повеќе од успешна Летна крводарителска акција во Велес, Црвен крст најави наредна во месец септември
Објавено: 25 август, 2025, во 12:06 часот
Обезбедени 135 крвни единици, во времетраење од шест часови и во услови на летен период поточно за време на користење на годишни одмори, повеќе е од успех, соопштија од Општинската организација на Црвен крст Велес. Крводарителската акција што вчера се одржа во велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ имаше одличен одзив од страна на Велешани кои како и многу пати до сега се докажани хумани граѓани.

-Осум граѓани се одзваа за прв пат додека 127 членови на нашата мотивирана крводарителската заедница во Велес дојдоа за да даруваат крв по втор, десетти или многу пати повеќе кратно крводарување на упатениот повик од страна на Општинската организација на Црвен крст. Вчера Велешани повторно дадоа придонес во обезбедување на скапоцената црвена течност со која се спасуваат човечки животи. На сите им упатуваме јавна благодарност. Собраните крвни единици ќе бидат ставени на располагање на здравствените институции во државата преку нашиот партнер Институтот за трансфузиологија. Колку тие значат во нивната секојдневна работа добро е познато, рече секретарот Орце Николовски.

Тој исто така се заблагодари и на отстапениот простор на културната институција Театар „Џинот“ во Велес и на шестмина волонтери од Клубот на млади. Во исто време Николовски ја најави и наредната крводарителска акција што во втората половина на месец септември ќе се одржи во ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Убавка Јаневска


