Повик до велешките автори – приклучете се на хуманитарниот настан „Стих по стих“ за семејството Јовевски

Поезијата и човечноста ќе се спојат во едно срце на 7 ноември, петок, во Велес, кога во медијатеката на велешката библиотеката „Гоце Делчев“ ќе се одржи хуманитарен поетски и музички настан „Стих по стих“, за поддршка на семејството Јовевски, кое во пожар ја изгуби својата куќа.
Настанот има за цел преку зборот и уметноста да соберат средства за помош на ова семејство, а организаторите ги повикуваат сите поети, автори и пријатели на литературата да се приклучат со донирање примероци од своите книги. Донираните изданија ќе бидат дел од хуманитарна продажба, а сите средства ќе бидат целосно наменети за поддршка на Јовевски.
Покрај донациите, поетите ќе имаат можност и лично да настапат, споделувајќи свои стихови со посетителите – во чест на солидарноста, љубовта и заедништвото.
-Идејата за „Стих по стих“ се роди од желбата преку поезијата да направиме нешто реално, нешто што ќе помогне таму каде што е најпотребно. Верувам дека секој стих, кога е изречен со љубов, може да биде искра што ќе запали нова надеж, изјави организаторката Вероника Саздовска.
Настанот е поддржан велешката библиотека која ги отвора своите врати за сите што сакаат да помогнат преку збор, музика и добрина.
Сите заинтересирани автори и граѓани можат да ја контактираат Вероника Саздовска на мејл-адресата [email protected] за повеќе информации околу донациите и учеството.
Стефани Манева


