Повторно ќе се поделат 1000 оброци за Велигден пред гостилница „Боем“ – граѓаните повикани да донираат

Шеста година по ред, гостилница „Боем“ заедно со здружението „Нула гладни во Велес“ и со поддршка од младите волонтери на велешки Црвен крст ќе ја организираат најголемата хуманитарна акција по повод големиот христијански празник Велигден. Акцијата има за цел да обезбеди 1000 топли оброци за социјално загрозени сограѓани.
Настанот ќе се одржи на 21 април, понеделник, на тротоарот пред гостилницата „Боем“, каде што ќе се делат оброците. И оваа година, акцијата останува посветена на мотото: „На секој верски празник, секој заслужува топол, свечен оброк.“
Од гостилница „Боем“ велат дека цената на еден оброк изнесува 75 денари и сите граѓани и компании коишто сакаат да донираат можат да го направат тоа на три различни начини. Прво може да донираат преку жиро сметка на здружението „Нула гладни“ – 210074329250187 (НЛБ Банка), потоа со оставање средства во поставената донациска кутија во гостилница „Боем“ како и преку донирање сирова храна директно во гостилницата.
Организаторите упатуваат повик до сите граѓани да се приклучат во оваа иницијатива, која со години наназад значи надеж и солидарност за оние на кои тоа најмногу им е потребно.
Стефани Манева
