Повторно „падна па стана“ Мој Термин, ја блокираше работата на лекарите
Матични лекари утрово се соочија со проблем да не можат да издадат здравствени услуги како што се интервенции или упати за закажување на термини на пациентите за специјалистички или супспецијалистички прегледи. Причина беше паѓањето на Мој Термин, електронскиот систем што го овозможија издавањето на овие видови на здравствени услуги.
Веста за паѓањето на електронскиот систем Мој Термин ја објави претседателката на Здружение на приватни лекари, др Лили Чолакова Дервишова.
-Системот не функционираше околу 20 минути во кои реагираа колеги од цела Македонија, во затворена група на еснафот на интернет. Ја објавив оваа информација со цел да сигнализирам дека постои проблем и тој да се надмине што е можно по брзо. И навистина беше така бидејќи за околу дваесеттина минути по мојот објавен статус на личниот профил на Фејзбук електронскиот систем беше повторно ставен во функција,“ рече др Чолакова Дервишова.
„Мој Термин“ го користат како приватните така и лекарите во јавните здравствени установи. Дел од нив рекоа дека треба да констатираме дека ова не е прво „паѓање и станување“ на овој електронскиот систем. Досега тоа се случува повеќе пати. Овој пат беше во краток период но сепак значаен за сите пациенти кои се затекнаа во амбулантите и на приватните и на јавните здравствени институции. Тие мораа да чекаат. Дел од нив и заминле дома па во договор со лекарите повторно ќе се враќаат за да ги земат упатите за потребните специјалистички или супспецијалистички прегледи.
Убавка Јаневска