Пожари на четири локации кај Свети Николе – интервенираа повеќе екипи
Објавено: 10 јули, 2025, во 13:13 часот
Екипите на Противпожарната единица од Свети Николе вчера интервенираа на четири различни локации поради повеќе пријавени пожари, притоа ангажирајќи значителен број возила и ресурси.
Првиот пожар е пријавен во 14:28 часот во месноста „Преодски ливади“, каде интервенирале две противпожарни возила и едно теренско возило. Станувало збор за запалена сува трева.
Набргу потоа, во 15:00 часот, бил пријавен нов пожар во месноста „Крушки“, каде се запалиле сува трева и помошни објекти. Интервенирале две противпожарни возила.
Најсериозната ситуација се случила околу 16:07 часот, кога истовремено се појавиле пожари на две различни локации. Во селото Орел била запалена куќа, на што реагирало едно противпожарно возило.
Истовремено, во селото Делисинци избувнал поголем пожар кој зафатил тревни површини, куќи, помошни објекти и пчеларник. Таму биле вклучени две противпожарни возила и едно теренско возило на ТППЕ Свети Николе, едно теренско возило на ТППЕ Штип, две противпожарни возила на ДПД Свети Николе и едно теренско возило на шумското стопанство Свети Николе.
Благодарение на навремената и координирана реакција на повеќе служби, пожарите се ставени под контрола и е спречено нивно проширување.
Надлежните апелираат на внимателност, особено во услови на високи температури и суво време, кое го зголемува ризикот од пожари.
Стефани Манева


