Предадени на обдукција телата на пронајдените 14 годишно дете, 71 годишник и 66 годишник во неготинско село Црвени Брегови
Во Одделението за внатрешни работи Неготино, вчера попладне, во 16:35 часот било пријавено дека во објект во село Црвени Брегови, неготинско, биле пронајдени три починати лица, Ј.Ј.(71) од Битола, Ф.Е.(66) од Ресен и малолетник од село Црвени Брегови.
-Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт, а увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Неготино. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција, соопшти Биљана Ѓаковска портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на лице место во неготинското село Црвени Брегови, каде во мала куќа, која се користела како импровизиран верски објект, биле пронајдени трите безживотни тела. Меѓу нив и на дете, на возраст од околу 14 години.
„При првичниот преглед на лицата не се констатирани траги на насилство. Јавниот обвинител издава наредби за обдукција, како и наредба за испитување на исправноста на плинскиот уред на кој се грееле“, соопшти Обвинителството.
Убавка Јаневска