Предизвикан пожар во контејнер во Велес, ЈКП „Дервен“ со апел до граѓаните
Објавено: 24 јануари, 2022, во 11:19 часот
Отворен контејнер за смет од 5м3 на улица Васил Главинов во Велес, во текот на вчерашниот ден бил запален од страна на несовесен граѓанин при што настанала и експлозија на плинска боца којашто била фрлена во внатрешноста на контејнерот. Пожарот бил пријавен во Територијална противпожарна единица Велес, веднаш бил локализиран и нема повредени лица.

– Ги замолуваме граѓаните, заради своја и безбедност на другите да не фрлаат во контејнерите пепел од огништата, затоа што ќе се запали сметот што е во нив, а во сметот од домаќинствата често има и предмети кои во контакт со оган може да предизвикаат опасност по живот, стои во соопштението на ЈКП „Дервен“ објавено на нивната фејсбук страна.

Ова е прв случај на запален контејнер оваа година, во текот на претходната во неколку наврати беа запалени и уништени неколку подземни контејнери во Велес.
Стефани Манева


