Премиера на филмот „Праслован“ утре вечер во „Киноверзум“ во Велес, во родниот град на мајка му, ќе присуствува познатиот режисер Слободан Максимовиќ
Објавено: 30 септември, 2025, во 11:22 часот
Словенечкиот документарен филм „Праслован“, утревечер, среда 1 октомври, ќе биде премиерно прикажан во Македонија и тоа во „Киноверзум“ во Велес, со почеток во 21:00 часот. Тоа е причина за доаѓање на познатиот режисер Слободан Максимовиќ во родниот град на неговата мајка. Максимовиќ, по премиерното прикажување на своето последно филмско остварување ќе престојува во градот во кој се родила, ја живееле својата младост и работела неговата мајка, Лефтерка, од семејството Димови. Неговите братучеди ќе бидат домаќини на Максимовиќ во Велес.
Всушност документарниот филм „Праслован“ на Слободан Максимовиќ нè води низ животот и делото на легендарниот словенечки музичар Зоран Предин, од неговите почетоци во Марибор, преку славата со „Lačni Franz“, па сè до соло кариерата која ја обележа музичката сцена на поранешна Југославија.

Комбинирајќи архивски снимки, интимни интервјуа и сведоштва од икони како Ѓорѓе Балашевиќ, Магнифико, Бранко Ѓуриќ и многу други, „Праславон“ е филм што зборува за музиката како сведок на времето, за бунтот, љубовта и песните кои остануваат.
Филмот на Максимовиќ добитник е на наградата „Весна“ за најдобар филм според публиката во Порторож и претставува документарна хроника и неизбежно филмско патување за сите љубители на музиката и културното наследство на регионот.
„Праслован“ на Слободан Максимовиќ во четврток, на 2 октомври, ќе биде прикажан и пред скопската публика на годинешното издание на реномираниот македонски фестивал Киненова.
Режисерот Слободан Максимовиќ роден е 1975 година во Сараево, Босна и Херцеговина. Дипломирал филмска режија на AGRFT. Неговите кратки филмови освоија над 30 меѓународни награди. Неговиот дебитантски игран филм „Благодарам за Сандерленд“ (2012) ја доби наградата за најдобар словенечки филм. Неговиот втор игран филм „Ника“ (2016), прикажан низ целиот свет, беше најдобар филм за млади на филмскиот фестивал во Мотовун. Неговиот најнов краток филм „Невидливата рака на Адам Смит“ (2018) освои над 15 меѓународни награди.
Убавка Јаневска


