Претседателката на ЛМС – Јакимовска: „Ќе бидеме двигател на младинските потреби и приоритети во општина Велес“
Осумнаесет годишната Стефанија Јакимовска, активистка и волонтерка на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“, избрана е за прва претседателка на Локален младински совет на Велес. Таа веќе е претседателка и на Клуб на млади на Фондација „Фокус“ освен што е одлична ученичка на ССОУ „Гимназија Кочо Рацин“. Јакимовска е препознатлива меѓу своите врсници по активизмот,волонтерството, хуманоста и по литературното творештво кое неуморно го создава повеќе години.
Дума.мк ја прашаше Јакимовска за што таа лично ќе се залага во двогодишниот мандат на Советот?
„Ќе се залагам за правата и потребите на младите на ниво на општината. Верувам во нас младите и сметам дека ние сме двигател на општеството. Потребно е напорно да работиме со цел да поттикнеме да ни се придружат што поголем број на млади луѓе во активностите со кои ќе го подобриме квалитетот на сопствениот живот во општината. Јас и ЛМС ќе ги слушаме потребите на младите, за нив ќе разговараме, ќе дебатираме и ќе ги преточиме во конкретни барања. Ќе ги поднесуваме до Советот на Општина Велес и ќе бараме тие да се разгледаат и прифатат. Се надевам на меѓусебна младинска соработка со останатите совети, граѓански организации како и на соработка со институциите, бидејќи посакувам градот да биде препознаван по нашите резултати и решенија,“ додаде Јакимовска.
Оваа млада девојка ,живее во село Иванковци, од каде секој работен ден во неделата патува до Велес, поточно до своето средно училиште. Јакимовска дополнително има време да учествува во осмислување и реализирање на активностите на Младински центар Велес. Како што постигнува одлични резултати во образованието, таа, е пример и за учества на бројни обуки дома и во странство на кои се градат капацитети за работа во граѓански сектор, особено кога станува збор за младински активизам и волонтерство.
Инаку, Локалниот младински совет во Велес е формиран на 15 февруари, годинава. Тогаш за заменик на Јакимовска беше избран Ангел Станкоски, претставник на Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености. И токму тоа го прави ова младинско тело поразлично од останатите, формирани во другите градови во државата, бидејќи со активирањето на ова младо момче на дело потврдува дека сите млади се исти без разлика на физичката попреченост.
Пред два дена, на конституривната седница на Локален младински совет за негови членови избрани се и Никола Димов претставник на Кајак клуб „Бабуна” Велес, Ивона Јовиќ претставничка на ССОУ „Димитрија Чуповски”, Емили Митревска, претставничка на Здружение за спорт и рекреација „Клуб 28”, Мартина Стаменкова претставничка на ЗГ „Велес бајкинг” и Елена Хаџиева, претставничка на СОУ „Гимназија Кочо Рацин”.
Стефани Манева