Претставата „БЕЗ КРВ“ на Пловдивски драмски и велешки Театар во Рим: Сценско патување во татковината на Барико

Објавено: 30 март, 2026, во 12:55 часот

Фото: сцена од претставата, на фотографијата Васил Зафирчев како Тито и Маргита Гошева како Нина

Рим ја отвора својата сцена за „Без крв“ – претставата на Пловдивски драмски театар и Велешки театар, која ќе биде изведена во „Teatro Brancaccio“, еден од најзначајните театарски простори во италијанската престолнина.Претставата е закажана на репертоарот на „Бранкачо“ на 9 мај, годинава.

Со својата историја и капацитет, „Brancaccio“ функционира како централна културна точка во Рим, место каде што се среќаваат големи продукции, интернационални проекти и современи сценски јазици. Настапот на оваа сцена значи влез во европски театарски контекст со висока видливост и јасна културна тежина.

„Без крв“, по новелата на Алесандро Барико, во адаптација на Александар Секулов и режија на европски прославената Диана Добрева, се изведува во просторот од кој потекнува неговиот литературен свет. Ова гостување отвора посебна линија на значење: текстот се враќа во сопствената културна матрица, носејќи со себе сценска интерпретација создадена надвор од Италија.

Настапот во Рим е дел од поширока соработка меѓу Пловдивскиот театар и Teatro Brancaccio. Во рамките на ова партнерство, претставите „Свила“ и „Без крв“, инспирирани од делата на Барико, се поставуваат пред италијанската публика. Така се создава специфичен културен круг: од литература, преку сценска адаптација, назад кон местото на потекло.

Присуството на Велешкиот театар внесува дополнителна димензија. Регионалната соработка добива европска видливост, а заедничката сценска практика се артикулира како подвижен систем што се развива низ различни културни простори.

„Ова гостување ја потврдува позицијата на претставата во поширок европски контекст. Движењето од Пловдив и Велес до Рим ја следи логиката на една поетика што се препознава и се чита во различни средини. Сцената на Brancaccio станува точка на пресек – место каде што се вкрстуваат текст, режија и публика. „Без крв“ во Рим ја означува таа средба. Театар како патување. Театар како враќање, рече режисерката Дијана Добрева.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.