Приведен велешанецот којшто го претепал својот сограѓанин кој починал од повредите
Полициски службеници од ОВР Гевгелија по преземени мерки и активности и координација на СВР Велес, СВР Струмица и Основно јавно обвинителство Велес, вчера, во 22:45 часот, на местото викано „Стара Мрдаја“ во Стар Дојран, го лишиле од слобода четириесет и три годишниот Г.Ш од Велес. Тој се сомничи дека на 9 јули, годинава, во казино во Велес го нападнал и му нанел повреди на четириесет и шест годишниот Д.В којшто на 13 јули, од здобиените повреди починал во Општа болница Велес.
-По преземени мерки било констатирано дека на 09.07.2022, Д.В. со повреди бил пренесен во болницата во Велес и во службен разговор со полициските службеници изјавил дека не се сеќава како се здобил со повредите, по што самоиницијативно ја напуштил болницата. На 13.07.2022 во својот дом тој бил пронајден во тешка состојба и повторно бил пренесен во болницата каде што починал. По наредба на Јавен обвинител врз телото била извршена обдукција и било утврдено дека смртта настапила како последица на здобиените повреди. По преземени мерки, извршени разговори со повеќе лица, како и прегледување на безбедносните камери од казиното, било дојдено до сознанија дека сторител на делото е Г.Ш., кој бил пронајден и лишен од слобода во Стар Дојран, пишува во соопштението на Министерство за внатрешни работи Велес.
Оттаму информираат дека по целосно документирање на случајот и во координација со Основно јавно обвинителство Велес против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.