Продолжува изградбата на Кејот на Вардар во Велес – се работи на втората фаза од проектот

Објавено на 26 мај, 2025 во 10:13

По неколкумесечен прекин, повторно се активираа градежните работи на десната страна на реката Вардар во Велес, на потегот од Мало Мовче до Стариот мост. Станува збор за втората фаза од проектот за изградба на кејот во должина од 200 метри, со што целиот кеј ќе биде завршен во предвидената вкупна должина од 400 метри.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев информираше дека работите беа запрени неколку месеци поради висок водостој на Вардар, кој често го поплавуваше веќе изграденото шеталиште, како и поради ниските зимски температури кои не дозволуваа непречено продолжување на градежните активности.

-Нивото на Вардар секогаш значи или закочување или продолжување на работите. Имавме долг период со висок водостој и ниски температури, што доведе до застој. Но деновиве работите интензивно продолжуваат и се надеваме дека во краток рок ќе бидат завршени, изјави Колев.

Тој додаде дека проблем дополнително претставува и недостигот на работна сила со кој се соочуваат градежните компании ангажирани на терен.

Првата фаза од изградбата, на потегот од Новиот мост „Гемиџии“ до Мало Мовче, исто така во должина од 200 метри, беше завршена на почетокот на јануари 2024 година. Инаку изградбата на кејот на реката Вардар од десната страна во првите 200 метри беше дел од проектот „Креативни можности во туризмот“ финансиран со средства од ЕУ преку проект за прекугранична соработка.

Во рамки на овој проект беше најавено да се постават и клупи и друга урбана опрема на кејот како и киосци за продажба на сувенири од Велес.

Градоначалникот Колев најави и планови за негово продолжување, на потегот од Стариот мост до ресторанот „Пармакот“, што ќе придонесе за понатамошен урбан развој и уредување на просторот покрај реката во градот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.