Прогласени најдобрите ветерани на ЗГ „Акцијаш ветерани“ за 2024 година во Велес (фото и видео)
Акцијашката ветеранка Даница Андреева Данче на ЗГ„Акцијаши ветерани“ Велес е добитничка на првата востановена акцијашка и ветеранска награда „Плакета“ за посебен придонес во развојот на акцијаштвото и доброволните работни акции за 2024 година. Плакетата на Данче и ја врачи претседателот на Управен одбор на ЗГ„Акцијаш ветерани“, Јосиф Манев.
Управниот одбор на ЗГ „Акцијаши ветерани“ востанови годишни награди темелејќи ја својата одлука на потреба да се наградуваат „највредни меѓу сите вредни ветерани“ во изведувањето на доброволните работни акции. Вчера вечер, на другарската вечер на акцијашите ветерани на ова граѓанско здружение, Благодарница за 2024 година, добија Олгица Пепелашева, член на Управен одбор и Аспор Каров кој е Командант на Работна бригада „Кочо Рацин. Беа доделени и две награди, Пофалница, што ги добија Миле Јанакиев и Ѓоре Илиев.
Претседателот на ова граѓанско здружение, Горан Петков, соопшти дека „Акцијаши ветерани“, годинава, се добитници и на Признание за учеството на РБ„Кочо Рацин“ во акцијата „Генералка викенд“. Признанието вчера пристигнало во здружението.
Вечерта на „Акцијаши ветерани“ во Велес започна со химната на акцијаштвото и бригадирството „Хеј хај бригаде“ која и покрај поминати децении потсетува на постоењето на тогашната Младинска организација, Сојуз на социјалистичка младина, како во Велес, во Македонија така и во републиките на поранешна Југославија, како организатор на Сојузни, Републички и локални доброволни младински работни акции. На нив учествуваа присутните на синоќешната „Другарска вечер“, во состав на Младински работни бригади како што беше „Кочо Рацин“ и освен што учествуваа во изградбата и разубавувањето на татковината во Велес, тогашен Титов Велес, ја носеа највисоката акцијашка награда „Вељко Влаховиќ“.
Акцијашите ветерани се продолжувачи на оваа традиција коишто враќајки ги вистинските вредности на севкупниот живот во локалната заедница се обидуваат да ги пренесат на сите сограѓани а особено на младите луѓе. А токму нив ги очекуваат да им се придружат на наредните планирани доброволни или волонтерски акции за почист, поубав и поздрав Велес во 2025 година.
Убавка Јаневска