Прва Сензорна соба во Градско е отворена во ООУ „Даме Груев”
Две дечиња, ученици на ООУ„Даме Груев“, 25 лица со попречености во општината и деца од предучилишна возраст ќе можат да ја користат првата Сензорната соба во општина Градско којашто денеска беше свечено отворена. Таа е наменета за лица со и без образовни потешкотии. Собата е донација на Ротари Клуб Велес со поддршка на Ротари Клуб Неготино и компанијата „Тримакс“ која го изведуваше проектот.
„Горди сме што успеавме овој проект да го реализираме на почетокот на новата учебна година со цел навреме да помогнеме за обезбедување на услови за инклузивно образование во општина Градско.Грижата за мајки и деца е еден од постулатите на кои се темели постоењето на Ротари заедницата. Со оваа донација веруваме дека ќе одговориме на потребите на децата со развојни нарушувања, а со тоа и на квалитетот на живот на овие деца и нивните семејства,“ рече Стела Бојаџиев претседател на Ротари Клуб – Велес.
Според градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, отворањето на сензорната соба претставува уште една потврда дека општината континуирано изнаоѓа начини како да ги подобри условите за учење и работа на децата со типичен и атипичен развој.
„ Заедно со донаторот Ротари клуб од Велес, Ротари клуб од Неготино и сесрдното вложување на училиштето подготвивме сензорна соба наменета за сите деца. Во просторот се создаваат услови за развивање на сите сетила, се продлабочлуваат чувствата за надворешниот свет и полесно се вклопуваат во него. Убеден сум дека нашата соработка не завршува тука. Ќе продолжиме заеднички да ги подобруваме условите за учење и развој на нашите деца,“ додаде Нацков.
На денешното свечено предавање во употреба на сензорната соба, Градоначалникот им се заблагодари на ротари клубовите со благодарница за успешната соработка, за развој на инклузивното образование и подобрување на квалитетот на живот на децата во општина Градско.
Убавка Јаневска