Првенец на генерација изложен на булинг во училиштето во Градско
Во два наврати, двајца деветтоодделенци, во ООУ„Даме Груев“ во Градско, му искинале долен веш на соученик во соблекувалната за физичко образование. Првпат тоа се случило на четврти а вторпат на 11 ноември, годинава, кога ученикот се вратил дома освен со искинат долен веш и со гребатини на телото. Четиринаесет ипол годишното момче видно вознемирено и со категоричен став дека повеќе нема да оди на училиште им раскажало на родителите дека на 11 ноември неговите двајца соученици го влечеле и кон ходникот кој во моментот бил празен. По последната доживеана траума ова момче трета недела не оди на училиште затоа што се плаши дека повторно ќе биде нападнато и омаловажувано.
Според неговиот татко, И.Т, момчето тогаш ја отворило својата душа и раскажало за се што претходно доживувало додека било на училиште од истите соученици. Поточно дека на последната случка и претходеле уништување на неговиот ученички прибор со фрлање и газење на патос во училница или преку прозорец, надвор, во училишниот двор.
-Моето 14,5 годишно машко дете минатата и оваа учебна година континуирано било изложено на булинг. Се додека на 11 ноември,годинава, дома не се врати со искинат долен веш и со гребаници, ние како родители не знаевме дека двајца соученици, од неговиот клас, и претходно му го искинале долниот веш, му удирале фиски по главата за да седи со свиткан `рбет на часовите за да не им го затвора видикот во училницата, му го уништувале училишниот прибор или му го фрлале низ училишниот прозорец. Цело време моето дете молчело поради срам. Чашата ја прели последниот настан со кинењето на долниот веш. Јас отидов во училиштето. Разговарав со класниот раководител Благој Ристов и со директорката Таца Дукова. Тие ми кажаа дека веднаш ќе превземат мерки и ја спомнуваа педагошката мерка на преместување на двајцата соученици, кои што го малтретирале моето дете, во подрачното училиште во село Виничани. Потоа, по два дена, ме известија дека ќе ги преместат само во соседната училница. Тоа е причина што мојот син не оди веќе трета недела на училиште, рече родителот И.Т.
Тој на 12 ноември го пријавил малтретирањето на синот во Полициска станица на Сектор за внатрешни работи Велес. Таму 14,5 годишното момче било сослушано од инспектор за малолетници и бил повикан тим од Центарот за социјални работи во Велес.Таткото потоа за случајот тврди дека не добил никакво известување се додека вчера, 28 ноември, по поминати седумнаесет денови, не дошол повторно во Велес и сам не побарал информации од полицијата дали има и до каде е постапката со расчистување на булингот врз неговиот малолетен син.
Воочливо вознемирен И.Т, за Дума.мк, тврдеше дека е разочаран од институциите како и дека во изминатите 17 денови никој не помогнал во надминување на траумите што малолетното дете ги носи во себе.
Овој случај досега не беше евидентиран во дневните полициски билтени што медиумите ги добиваат од СВР Велес. Денеска од полицијата не ни одговорија зошто за случката не не информираа на 13 или 15 ноември, годинава, туку само дека била евидентирана од нивна страна.
„СВР Велес, Ве известува дека на 12.11.2022 година пријавена е поплака од родител на малолетно лице кое се пожалило дека е вознемирувано и добивало закани од свои соученици. Од страна на инспектор на СВР Велес известен е Јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, кој е надлежен за постапување за случаите поврзани со малолетници,“ пишува во краткиот полициски одговор.
Дума.мк испрати е-мајл со прашања и до Министерството за труд и социјална политика. Од таму до објавувањето на веста не добивме одговор додека од Центар за социјални работи на телефон, од страна на службеничка, бевме информирани дека веќе биле превземени мерки од стручен тим и постапката била во тек. Затоа што станувало збор за малолетници не одговорија прецизно и согласно законот дали работеле со децата и утврдена ли е причината, дали станува збор за насилство, за булинг или слично.
А токму овие службени информации од полицијата и од Центар за социјални работи ги чека директорката на ООУ„Даме Груев“ за да ја заокружи целата постапка. Дукова денеска за Дума.мк изјави дека станува збор за солиден ученик, дисциплиниран но многу повлечен и е подготвена да ги стават на увид сите напишани службени документи поврзани со расчистување на случајот којшто во нивното училиште се случил за прв пат.
Сепак во Закон за основно образование, во член 66, пишува дека директорот е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување на ученик од страна на друг ученик, родител или друго лице во надлежни служби додека член 76 пропишува се што е потребно да се стори при девијантно и асоцијално однесување на учениците од страна на психолошко педагошката служба.
Убавка Јаневска