Работниците на велешка „Колска“, утре, ќе блокираат возови
Преку протест што утре ќе започне во 07:30 часот на железничка станица Велес, работниците на фабриката за шински возила „Велес“ поточно „Колска“ ќе го изразат својот револт за шест месеци блокираната фабричка жиро сметка и неможноста да работат. Протестот следи откако, исто толку време, синдикалната организација и преставници на работниците не успеале да добијат одговор на барањето за деблокадата на жиро сметката од страна на УЈП, од премиерот Димитар Ковачевски, од вицепремиерот Фатмир Бетиќи и од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
-Проблемите само се таложат а решение нема. И покрај ветувањето на вицепремиерот Бетиќи тој досега, по еден месец, не успеа како што им вети да ги посети работниците во фабриката и повторно да ја види состојбата во којашто се наоѓаме. Не можеме да купиме ниту репроматеријали додека 20 товарни и еден патнички вагон чекаат на репарација и треба да стигнат уште 10 цистерни на фирмата „Оилко“. Бевме упорни и баравме од УЈП но не успеавме да добиеме позитивен одговор поточно да можеме да набавиме репроматеријали и да работиме, рече Тони Арсовски претседател на синдикалната организација на ССМ.
Протестот што утре ќе се одржи на железничката станица во Велес со блокада на железничкиот сообраќај во државата го организира основната организација на ССМ во фабриката.
Стефани Манева