Разигран и распеан, на 1 септември, беше дворот на ООУ „Панко Брашнаров“ во чест на првачињата (видео и фото)
Објавено: 1 септември, 2025, во 12:39 часот
Со интонирање на државната химна, многу балони, приредба со кореографии и рецитации, подготвена од учениците во повисоките одделенија, претпладнево, ООУ „Панко Брашнаров“ им посака добре дојде на 59 првачиња во училишниот двор. Од утре, во наставата ќе се вклучат уште три првачиња и засега во ова, едно од четирите велешки основни училишта, во прво одделение ќе учат вкупно 61 ученици.

Во присуство на Градоначалникот Марко Колев како и на родителите, првачињата, најнапред ги поздрави и им посака добре дојде во училиштето, директорката Сениха Брзева.
Тука беа и второ одделенците кои чекаа да ги слушнат своите имиња од наставничките. Дамјан и Димитри, како постари ученици, во знак на поддршка на првачињата го раскажаа своето искуство за тоа колку убаво е да си ученик првоодделенец и ги кажаа нивните очекувања од следење на настава во второ одделение.
Возбудата беше голема кај првоодделнеците коишто ги направија првите чекори во училишната зграда за да стигнат до училницата додека најголем дел од родителите останаа во дворот. Подготвеноста на наставничките Мери Ристовска, Флоранса Лазова и Невенка Ќичукова ги мотивираше децата без ниту една солза да се прилагодат на новата средина.

Првиот училишен ден ќе остане во сеќавање на првачињата на ова училиште секако и по нивните фустанчиња, машнички во косите, убавите буќети и секако ранците со тетратки и училишен прибор што дел од нив си ги носеа со себе, иако денеска не беа задолжителни.
Убавка Јаневска


