Реконструирано спомен обележјето на загинатите француските војници во село Карласлари

Објавено на 2 април, 2022 во 15:16

Во Македонија, во минатиот век се воделе двете балкански и двете светски војни, во кои загинале многу војници. На повеќе локации во нашата држава постојат мали гробници  со изградени споменици коишто укажуваат дека се воделе крвави борби. Еден таков споменик е поставен во село Карласлари, којшто е издигнат во далечната 1929 година кадешто се закопани 12 француски војници по потекло од Мароко. Години подоцна, истиот е обновен од страна на француската организација „Сувенир франсе“. На денешното откривање на плочата на споменикот на загинатите француски војници од муслиманска вера во Првата светска војна, претседателот на француската организација „Сувенир франсе“ од Париз, Серж Барселини, рече дека тие како организација никогаш не престанале да се сеќаваат на тие борци.

-Оваа меморијален споменик потвдува дека борците остануваат во нашите срца, ние сме поврзани со нивните семејства и со нивните наследници. Можам да кажам дека ова е момент на историско помирување со Грција, Србија и со другите земји. Историско помирување коешто не води кон едно чествување на мирот како највисока вредност, додаде Барселини.

На денешното откривање на спомен плочата, присутен беше и Амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер, којшто рече дека оваа костурница на муслиманските борци од Првата светска војна, била поставена во село коешто било населено со Турци и на место кое се наоѓало во близина на џамија што сведочело за постхумното внимание што им било посветено на војниците.

– Таквата почит не се забележува само тука. Во Франција, Големата џамија во Париз е изградена според волјата на Маршалите на Франција и претставува место каде што ќе опстојува почитта и споменот на муслиманските борци. Неколку децении подоцна, во 1992 година, во Верден беше поставена плоча во спомен на муслиманските борци, а во 2006 година беше откриен споменик во нивна чест, додаде Бомгартнер.

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, рече дека денешниот настан има за цел да ја одбележи храброста на француските војници но истовремено да потсети и на придонесот на дел од нив кои загинале во септември, 1918 година.

-Во овие денови кога повторно сме сведоци на војна, близу до нас, уште подлабоко го разбираме значењето на мирот. Оддавајќи почит на јунаците од минатото ги упатувам моите желби токму за мир во светот, додаде Колев.

Велејќи дека пред триесет години на ова место биле откриени гробиштата на загинатите француски војници од муслиманско потекло, во првата светска војна, м-р Веле Алексоски, потпретседател на македонскиот огранок на Здружението „Сувенир франсе“, му се заблагодари на градоначалникот којшто дозволил ова место да се уреди со цел да се оддаде почит на војниците.

На денешниот настан присутни беа и полковник Лулзим Нуредини од АРМ, Јордан Стојанов директор на Управата за борци и инвалиди на Македонија и Ариан Асланај, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Пред споменикот на француските војници со муслиманско потекло во Карласлари денеска беше положено и свежо цвеќе.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.