Рекорден број автори, од цел свет, пријавени на 22 Меѓународен салон за стрип „Велес 2025“

Објавено: 11 август, 2025, во 10:36 часот

Од вкупниот број на пријавени 396 стрип автори од цел свет, 164 се домашни, од Македонија.

Сите пристигнати дела ќе бидат прегледани  од жири комисија составена од стрип и ликовни дејци од Велес, а дел од нив ќе бидат изложени на свеченото отварање на Меѓународниот стрип салон во Велес, најзначајна државна стрип манифестација, којашто годинава ќе започне на 20 август во Велес.

Програмскиот координатор на Стрип центарот на Македонија, Томе Трајков за големиот интерес на распишаниот конкурс, поголем и од минатата година, смета дека се должи на континуираната активност како во, така и надвор од нашата држава.

-Освен докажани стрип мајстори  многу радува  откривањето на нови стрип имиња од македонската Стрип сцена коишто заслужуваат поголема афирмација и внимание.Тоа е секако одраз и на соработката со училиштата ширум државата, вклучително и на ликовните педагози, но и на специјализираните едукативни студија. Одзивот од Скопје, како метропола, солидно е голем но деметрополизацијата во делувањето на СЦМ исто така ги дава своите резултати, рече Трајков.

Според него што се однесува до меѓународните контакти , добра основа претставува и постојаната соработка со Стрип сцената од поранешните Ју републики, но сакако и комуникацијата со автори државите на Западен балкан како и од други континенти, освен од Европа.

-За зголемување на вкупниот  број  на пријавени стрипови на овој конкурс ,секако треба и зголемена поддршка во смисла на зголемен фонд на награди, присуство на наградените автори на свеченото отварање , составување на жири од мегународни стрип автори и слично, додаде Трајков.

Меѓународниот стрип конкурс како и Меѓународната стрип колонија се два дела од Меѓународниот стрип салон  „Велес 2025 “. Како засебни , но секако поврзани проекти се финансирани од страна на  Министерството за култура и туризам  на Македонија како и општина Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.