Жители на селото Дебриште реагираат: Детонации од каменоломите им ги уриваат куќите
Каменоломите кои работат над селото Дебриште им ги оштетуваат куќите на мештаните. Жителите се жалат дека секојдневно се принудени да ги поднесуваат силните детонации од кои им пукале ѕидовите на нивните домови веќе оштетени од забот на времето.
“Кој знае по кој пат градам и доградувам и пак се случуваат нови оштетувања. Се обративме до надлежните во кавадаречката полиција, реагиравме кај градоначалникот на Росоман, а помош побаравме и од пратеничката Весна Пемова. Од сопствениците на каменоломите добивме одговор дека детонациите се намалени за да нема оштетувања, но ние и понатаму имаме проблеми„ рече Ифтим Митрев.
Ова го тврди и Тодор Павлов чие семејство раскажа како секојдневно над глава им паѓале одрони.
“Не се живее во страв. Секој ден ни паѓаат одрони врз глава. Стравуваме за нашата безбедност“ вели Павлов
И со оштетени домови, Дебриштани, не бараат каменоломите да престанат да работат туку минирањата да ги прават со послаб интензитет. Од кршењето камен повеќето жители во селото го заработуваат лебот за семејствата.