„Розов октомври“ во Велес: Рано откривање на канцер на дојка клучна за процесот на лекување на заболени жени
Со вакво мото денеска Организација на жени на општина Велес одржа настан на платотото пред велешки Театар „Јордан Хаџи Костантинов Џинот“ со цел јакнење на јавната свест во борбата со ракот на дојката како дел од активностите кои се организираат во месец октомври, посветен на болестa.
Редовните прегледи и самопрегледи се основа за здравјето на секоја жена. Затоа потребни се редовни контроли и постојана здравствена едукација на жените што како граѓанска организација ќе се трудиме да ги спроведуваме редовно, во текот на календарската година, значи не само во месец октомври, прогласен за „розов“ и посветен на оваа болест.
-Организација на жени на Општина Велес во соработка со Комисијата за еднакви можности при Совет на Општина Велес го одбележа Октомври, месец на подигнување на свеста за раната детекција на рак на дојка. Октомври месец е на свесност, на самогрижа и на солидарност. Превенцијата е клучна а поддршката во оваа битка важна, рече претседателката Мирјана Трајкова.
Денешната активност е дел од националната кампања којашто министерството за здравство ја води под мотото „Октомвриски розов караван – превенцијата е најдобра заштита“. Дел од кампањата се и планирани трибини. Една од нив ќе се одржи во Велес во вторник, 29 октомври, со почеток во 13:30 часот во велешка Општа болница на која што како едукатор на заинтересираните велешанки ќе биде д-р Тања Петровска.
Убавка Јаневска