Се појавила шуга кај двајца професионални војници во велешка касарна, сите 296 се испратени дома
Објавено: 7 февруари, 2026, во 16:40 часот
Кај двајца припадници од новопримените 296 професионални војници е евидентиран случај на кожна болест „Scabies“ или шуга. По дијагностицирањето на кожното заболување лицата биле изолирани и упатени на домашно лекување согласно важечките здравствени протоколи на Армијата.
„Веднаш се преземени соодветни превентивни мерки со цел спречување на евентуално ширење на болеста. Дополнително, спроведен е епидемиолошки надзор од страна на стручни лица од Воено Медицинскиот Центар, при што се постапува согласно нивните стручни насоки и препораки. Ве информираме дека пред приемот на професионалните војници и почетокот на обуката обезбедени се сите предуслови за сместување, престој, живот и работа во единицата,“ соопштија од Канцеларија за Воени односи со јавноста.
Оттаму додаваат дека сместувањето на војниците било регулирано согласно Правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката биле обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со Армиските стандарди како и дека пред сместувањето на персоналот извршена била комплетна дезинфекција на просториите, а на користење биле дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња додека капењето на војниците било организирано и спроведувамо плански и во соодветни услови.
Деновиве сите новопримени професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома. Освен двајцата припадници кај кои е дијагностицирана шуга сите треба да се вратат во касарната во понеделник, 9 февруари.
Убавка Јаневска


