Се вратија велешките пожарникари од Турција: Глетката беше страшна, поголем дел од живеалиштата се разрушени
Петте пожарникари од Територијалната противпожарна единица во Велес, коишто во турскиот град Адијаман, изминатава недела, учествуваа во спасувачка мисија за пронаоѓање и извлекување на луѓе под урнатините од катастрофалниот земјотрес, безбедно се вратија во својот роден град.
Командирот на ТТПЕ, Димче Јованов, кој воедно беше и дел од тимот во Турција за Дума.мк изјави дека глетката со којашто се соочиле во овој град била ужасна и страшна.
-Глетката беше страшна бидејќи поголемиот дел од живеалиштата на граѓаните се разрушени. Сите луѓе во градот Адијаман имаат минимални услови за живот. Ние, за тие денови колку што бевме таму, максимум колку што можевме ја исполнивме нашата задача околу спасувањето на луѓето од рушевините, додаде Јованов.
Петте херои на Велес, вчера, по пристигнувањето од Турција остварија и средба со градоначалникот Марко Колев за којашто велат дека била прекрасна.
-На средбата му се заблагодаруваме на градоначалникот што ни овозможи да видиме и искусиме нешто ново, само не дај боже да дојде кај нас. Да помогнеме на луѓе коишто беа сериозно загрозени. Но и за поддршката којашто ни ја даваше во тешките моменти, додаде Јованов.
Од Општина Велес соопштија дека овие пет пожарникари во согласност со можностите на општината ќе бидат наградени.
Стефани Манева