Се запали автомобил на улица во Велес, зафати второ возило и бандера – огнот изгаснат од пожарникарите и спречено ширење на околните куќи
Објавено: 30 декември, 2025, во 09:11 часот
Во Територијалната против пожарна единица Велес, вчера вечер, во 22:25 часот, примена е дојава за запалено патничко возило на ул. „Љубен Весов“, во близина на Спомен куќа на Кочо Рацин. Следела брза интервенција на пожарникарите спасители со која не е дозволено проширување на пожарот.
„Територијална против пожарна единица Велес излезе на лице место со 2 против пожарни возила и 6 пожарникари спасители. По пристигнување на лице место глетката прикажуваше проширување на пожарот од кој беа зафатени две возола и една бандера. Со брза интервенција и пожртвуваност на пожарникарите, пожарот беше изгаснат и не се дозволи огнот да направи штета и на околните куќи,“ соопштија од ТППЕ Велес.
Улицата „Љубен Весов“ се наоѓа во стариот дел на градот којшто е густо населен.
Убавка Јаневска


