Се запали автомобил во центар на Велес, пожарникарите навреме го изгаснаа
Објавено: 20 ноември, 2025, во 11:48 часот
Чад, јак звук на тапнежи од внатрешноста а потоа и оган избил од автомобил марка „форд“ во движење, околу 10:30 часот , на улица „8-ми септември“ во Велес. Возачот навреме излегол од автомобилот и побарал помош од полиција. Пожарот бил пријавен во Територијална противпожарна единица Велес. Следела итна интервенција.


„Во гаснењето на запалениот автомобил учествуваа четворица пожарникари и едно противпожарно возило. Интервенцијата траеше помалку од 30 минути. За 10 минути од страна на пожарникарите беше изгаснат огнот и потоа обезбедена безбедноста на останатите учесници во сообраќајот на улица 8 Септември, пред зграда на Народен музеј, на паркирани возила, на пешаци и на станари на околни згради, “ соопштија од ТТПЕ Велес.

Додека пожарникарите спасители интервенираа над автомобилот, полициски службеници го обезбедуваа местото и во прекин околу 30 минути беше сообраќајот во центарот на Велес. Сега по улицата се движат автомобили во двата правци.
Убавка Јаневска


