Смилев: „Левица во условна коалиција со ВМРО ДПМНЕ во Советот на Општина Велес“ (ВИДЕО)
Советничката група на Левица преку практицирање на условна коалиција со ВМРО ДПМНЕ го започнува мандатот во Советот на Општина Велес. Тројцата советници Димитар Абрашев, Маргица Урумова и Игор Смилев денеска ја одржаа првата прес конференција. Во име на советничката група Смилев им се обрати на граѓаните и прво го образложи терминот малцинско или условено мнозинство.
-Условна, поточно само за проекти, кои што ќе бидат од суштинско значење за град Велес и кои што се во фундаменталната програма на Левица.Така што секој наш глас и поддршка, во конкретниот случај за седницата за избор на Претседателот на Советот, ќе биде условено со дел од проектите за кои што веќе имавме прелиминарен договор со ДПМНЕ а се составен дел на програмата на Левица исто како што се составен дел и на програмата на ДПМНЕ. Значи во следниот четиригодишен состав никој не е сигурен, ниту едно мнозинство не е вечно, брак со ниту еден од двата политички мастадонти нема да има. Се она што ни беше основа за фрустрација, како граѓани на Велес, во изминатите 45 години се надевам дека Левица во содејство со сите оние кои што имаат издржани проекти за Велес ќе обезбеди нашиот микросвет да биде подобро и поубаво место за живот. Во конкретниот случај, нашиот град , рече Смилев.
Тој додаде дека нивните поддржувачи, како и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, требале да бидат спокојни бидејќи не востановиле брак и не потпишале писмен документ со ниту една политичка опција во Советот на општината иако со локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ оствариле средба на која биле прифатени шест партиски начела..
Смилев истакна дека нивните барања до локалната власт се за вработувањата во општината администрација кои ќе треба да се реализираат преку огласи и на транспарентен начин, за шанси да добијат стручни кадри наместо партиски војници. Општината да биде транспарентна во својата работа и да им обезбеди јавност на седниците на Советот преку медиумско објавување. Исто така да се укине зонското паркирање, да се реши проблемот со недостигот на паркинг места преку изградба на најмалку една катна гаража додека за секој поголем и значаен проект во општината да се обезбеди јавна анкета за да се слушнат мислењата на граѓаните. Исто така, во итна постапка, да се екипирање општинските инспекциски служби. Преку изградба на шинтер стационар пак да се реши проблемот со бездомните кучиња.
Денеска соработката на Левица и ВМРО ДПМНЕ започна кога тројцата советници како и советникот на ДУИ гласаа за изборот на Зоран Љутков од ВМРО ДПМНЕ за претседател на Советот на општина Велес.
Убавка Јаневска