Со „Пастрмалија“, „Таан алва“, „Јајчаник“ и „Пача“ се промовира Велес во гастрономска карта и водич на АППТ
Ако ги отворите двете нови понуди на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) поточно гастрономска карта и гастрономски водич за традиционални специјалитети, во нив Велес заедно со Богомила и Лозово се промовираат со четирите гастрономски производи пастрмалијата таан алва, јајчаник и пача. Исто така, Вардарски регион како дел од целта на Агенцијата, за збогатување на туристичката понуда и зголемување на промоцијата на државата, се промовира со сувомеснати производи и пастрмајлија како обележје на Свети Николе, со ајвар, туршија, праски и кајсии како производи на Росоман, со грозје, ракии, вина, сирења, кашкавали, маџун и арванија Тиквешкиот дел поточно Неготино и Кавадарци како и со млечник, арванија и турли тава Демир Капија.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најавија дека периодов што следи ќе бидат изработени и видеоматеријали за истата намена.
Илустрираната гастрономска карта има за цел да ги мапира регионите каде има традиционална подготовка на македонски јадења. Идејата е да ги поканиме патниците на гурманска тура низ С. Македонија, да уживаат во регионалните вкусови. Брошурата содржи фотографии и текстови за гастрономијата во Република Северна Македонија, културата за неа, храна или друг пијалак кој оди со рецептот, настани или манифестации поврзани со гастрономијата, соопштија од АППТ.
Гастрономскиот водич е во вид на патеписни приказни за вкусовите на Република Северна Македонија, преточени преку приказни за гастрономијата, виното, традицијата, фолклорот и културното наследство во нашата земја.
Рецептите се специфични од аспект на потекло, како се подготвуваат, кој производи се потребни за традиционалниот специјалитет, легенди за одредени локални традиции, додаваат од АППТ.
Исто така, освен во печатено издание или брошурата: „Вкусот на мојата земја“ подигната е и веб-страница.
Брошурата содржи локални или регионални традиционални рецепти за одредени јадења од сите осум плански региони, карактеристични за регионите или локално место во нив.
Според АППТ земјава нуди атрактивна туристичка понуда, од езерски до планински туризам, еко и рурални туристички аранжмани, а за сите љубители на активните форми на туризам има адреналински тури. За сите гурмани и ено-гастро концептот како туристичка понуда има што да овозможи, за да се вкусат најдобрите вина и да се пробаат највкусните традиционални рецепти приготвени секогаш од свежи продукти.
Убавка Јаневска